Филипче: Јавното здравје е заедничка одговорност и зависи од сите нас

Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференцијата ги информираше граѓаните за важноста на личната и колективната заштита, одговорноста, свесноста, како и целта на кампањата да ги разбие митовите и дезинформациите и да ги мотивира граѓаните да се заштитат себе и блиските, но и дадат придонес во колективното јавно здравство.

Секоја мерка и одлука е насочена кон две цели: побрза имунизација и спречување на ширење на вирусот, вели министерот.

Исто така, оваа кампања е насочена против заплашување и збунување на населението, да се разбијат митовите и невистините кои масовно се шират на социјалните мрежи.

Министерот побара помош од лекарите, експертите, јавни личности, но и индивидуалци кои сакаат да ја пренесат оваа порака, да земат активно учество во кампањата.

„Се уште сме далеку од доволното ниво на вакцинација, за излез од кризата“, нагласи министерот Венко Филипче.

Тој апелираше и до младите да се заштитат себе и блиските, бидејќи и кај младите има тешки случаи со смртни последици, иако генерално, поретко имаат сериозни симптоми.

„Потребно е време за имунолошки одговор по примањето на вакцината“, нагласи Филипче, кој уште еднаш повика на индивидуална и колективна одговорност.

Засега остануваат сегашните мерки и протоколи во однос на невакцинираното население.