Филипче: И после пикот, коронавирусот ќе постои

Министерот за здравство, Венко Филипче, во вчерашниот ден имал видео разговор со американската амбасадорка Кејт Мери Брнс и состанок организиран од СЗО за тоа како и после пикот ќе се организираат здравствените системи во државите и да се испланираат капацитетите на болниците.

„Заеднички е заклучокот дека оваа болест и после пикот на пациенти ќе продолжи да постои и нема да можеме целосно да ја елиминираме и веројатно ќе мора да има посебни делови од здравствениот систем посветени на пациенти кои ќе бидат позитивни на Ковид-19 и на пациенти кои нема да бидат, а сè со цел да се испланираат капацитетите. Посебно во периодот на есен или зима кога веројатно сите земји ќе се соочаат, освен со пациенти заразени со Ковид вирусот, и на пациенти со сезонски грип. Ќе треба да се направи сериозна анализа и поставеност на здравствениот систем“, рече министерот за здравство.

Токму затоа, според Филипче, е неопходно активирањето и вклучувањето на матичните лекари, за пациентите да се задржат на примарно ниво, а болничките капацитети да бидат слободни доколку биде потребна хоспитализација на пациенти со Ковид – 19.