Филипче – Ханеда: Се реализира грант за набавка на медицинска опрема во неколку јавно-здравствени установи

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска оствари средба со Амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија Кеико Ханеда, по повод реализацијата на грант за медицинска опрема во неколку јавно-здравствени установи.

Со овој грант, соопштија денеска од Министерството за здравство, дополнително ќе се зајакнат капацитетите во установите. Процесот на реализација е во тек, а, како што се најавува, ќе се финишира во наредниот период.

– Јапонија е нашиот голем и искрен пријател. Се заблагодарувам за целокупната поддршка овие изминати години во осовременување и унапредување на здравствениот сектор. Тие се со нас и во овие моменти кога се справуваме со пандемијата предизвикана од Ковид-19. Во месец јуни, преку итна неповратна помош, од амбасадата на Јапонија во партнерство со УНОПС го добивме лекот „Авиган“ наменет за 100 пациенти заболени со ковид-19, нагласил министерот Филипче, се наведува во соопштението од МЗ. цр/ац/