Филипче: До крајот на овој месец ќе стигнат вакцините - во април ќе започне вакцинацијата

До крајот на овој месец или почетокот на следниот преку ковакс механизмот очекуваме 100.000 вакцини, а од почетокот на април се надеваме дека ќе почне масовна имунизација на населението, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Сепак, тој кажа дека со оглед на промените кои настануваат кај добавувачите, можно е овој временски период да се одолговлечи.

„Во однос на набавката на вакцини, се очекува до крајот на овој месец почетокот на следниот преку ковакс механизмот околу 100.000 вакцини. Потенцирам дека со оглед на промените кои настануваат и информациите од добавувачите ова може временски да се одолговлечи“, рече Филипче.

Тој кажа дека се во разговори со Кина и Русија за нивните вакцини, но сѐ уште нема точен датум кога би пристигнале, но дека се очекуваат на почетокот на април по што би почнала масовна вакцинација. Филипче рече дека системот е спремен за масовна вакцинација на населението.

„Свесен сум дека набавката не оди со посакуваната динамика, но обезбедувањето на вакцини во буквална смисла на зборот е војна. Побарувачката ја надминува понудата секаде во светот. Неизвесноста е голема. За жал немањето доволно количини како и директните договори го прави своето и затоа се доцни со испораката и затоа има доцнење во набавката“, рече министерот.

Додаде дека верува дека брзо ќе се надмине кризата околу набавката на вакцини.

Министерот информира дека досега се вакцинирани 5.300 здравствени работници.

Порача дека пандемијата е сѐ уште тука и дека мора да се почитуваат мерките и дека засега нема нови мерки.