Филипче: Да не се групираме, здравствените работници и овие празници ќе ги поминат на работа

Министерот за здравство Венко Филипче упати апел до граѓаните за престојните новогодишни празници да се однесуваат одговорно, со цел и здравствените работници да здивнат и да можат и тие да бидат со своите семејства.

-Новогодишните празници дел од нас ќе ги поминеме со најблиските, но голем дел од здравствените работници и овие празници ќе ги поминат на работа, грижејќи се за пациентите. Во наредните денови, преку почитување на мерките да им се заблагодариме за целата снага и сила која ја даваат во спасувањето на човечки животи. Да бидеме одговорни, да не се групираме и да посакаме што побрзо да бидат со нивното семејство. Упатувам голема благодарност до американската амбасада за несебичната поддршка која ни ја даваат во справувањето со ковид-19. Заеднички ќе излеземе како победници од оваа здравствена криза, напиша министерот во опис на видеото од Американската амбасада во Скопје во кое се изразува благодарност со сите здравствени работници вклучени во лекувањето на болните од ковид во Македонија и нивното потсетување, сите граѓани да празнуваат одговорно.