Филип Ѓорѓиоски или на инстаграм познат како dbl.dzo е 24 годишен ентузијаст, креативец, програмер, љубител на сарказам и калорична храна. Обожава да ги тестирам способностите, да прави грешки и да фотографира моменти. За нас е вистински инстаграм уметник кој совршено ја доловува убавина на градот преку фотографија.

Веќе 5 месеци тимски функционира со Петар Аврамоски под името Tone Bandits.  

Без да ни се налутат другите инстаграмџии ќе додадеме дека уживаме во неговите фотографии. Тоа беше причина денес на теми поврзани со фотографирање и Скопје да разговараме со dbl.dzo:

Скопје Инфо:  Многу луѓе ги фотографираат другите градови кои ги посетуваат, сметајќи дека Скопје не е доволно убав во споредба со нив. Но, ти наоѓаш инспирација на секој чекор. Што мислиш за Скопје и инспирацијата околу него? 

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Секој град е специфичен по својата убавина и потешко е да се направи споредба или паралела со самиот главен град. Реално, другите градови и треба да бидат фотографирани, а не само Скопје, бидејќи нема доволно дигитална содржина. Благодарение на Instagram, може да се пребарува и по хаштази и по локација, за да можат да се откријат убавините и на останатите места. Скопје во последните години експоненцијално порасна и се претвори во concrete jungle. Тоа носи барем една позитивна страна, а тоа е фотографирањето на нови градби и ситуации. Инспирацијата потекнува од артистот, градот е само дополнителен фактор за да се формира големата слика.

Скопје Инфо: Што е најубаво во Скопје?

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Архитектура, без размислување. Можеби овој одговор потекнува од самата моја пасија кон урбаната фотографија и општо архитектурата како концепт. Скопје е Градски ѕид, Скопје е ГТЦ, Скопје е зајдисонце на Партизанска во лето, Скопје е кров на зграда. Во секој случај, ова е само субјективен став, но грубо ги опфаќа оние аспекти кои се уникатни за него.

Скопје Инфо: Актуелни се инфленсерите на инстаграм, се доживуваш ли себе како таков?

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Барем во Македонија, целото тоа постоење и изразување на Instagram се уште претставува сензитивна тема. Инфлуенсер претставува еден корисник на социјална мрежа кој си има формирано кредибилитет на одредена тема. Со тек на време тоа преминува во примарен или секундарен начин на заработка. Со оглед на порастот на бизнис профилите, многу се занемарува квалитетот на постовите, а се обрнува внимание на финансискиот фактор. Лично би се доживеал како извор на инспирација, кој има изградено свој стил и свој поглед на нештата и кој радо би помогнал на свои „инста колеги“

Скопје Инфо: Кој град би го заменил со Скопје?

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Тешко може да се замени Скопје, барем во склоп на нашите граници, поради разновидноста на самиот град. На многу им пречи брзината со која се одвиваат сите настани, па затоа бараат излез на помирни места. Би рекол Охрид, бидејќи секако немаме многу избор. Она што се случува во Охрид, останува во Охрид. Секогаш ги носи со себе оние summer vibes, и придонесува за една мешавина на дијалекти и јазици.

Скопје Инфо: Што е потребно за една фотографија на Инстаграм да изгледа како твоите? 

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Нешто што одамна ми стои во описот на мојот профил е “I create drama” и тоа отсекогаш ми била почетна точка при креирање на една фотографија. Се додека постои инспирацијата и имагинацијата, установено е дека опремата не е толку круцијален фактор. Мал милион згрешени фотографии, трпение, следење на големи и успешни профили и постојана постпродукција (најчесто во Adobe Lightroom). Во зависност од способностите на креаторот, порано или подоцна се достигнуваат лимитите на опремата, дали телефон или апарат.

Скопје Инфо: Како го гледаш Скопје низ твоја перспектива во наредните 10 години?

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Со ова темпо, не може точно да се одреди во кој правец иде градот како целина. Треба да се земе во предвид сето тоа градење и проширување, кое е излезено од контрола. Го замислувам со еден куп велосипедски патеки, делници низ општини без тесни грла, електрични автобуси, но пред се’, подобрена социјализација и помалку стереотипи.

Скопје Инфо: Имаш ли некој омилен дел од градот?

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Пределот околу Карпош 1 и Дебар Маало многу ми е прираснат за срце. Тука не се среќава омилениот брутализам, но како мирно место за живеење, дефинитивно е еден од подобрите избори. Зградите во тој дел ја неутрализираат бучавата од булеварите Илинден и Партизански Одреди, уличките се тесни и еднонасочни, нема многу метеж и претставува област која може да егзистира сама.

Скопје Инфо: Која е твојата омилена фотографија од Скопје? 

Филип Ѓорѓиоски (dbl.dzo): Доколку се однесува за фотографија од друг инстаграмџија, Betto Idrizi е мојата моментална инспирација, а омилена фотка е оваа. Ако ме прашувате за моја фотографија јас би ја одвоил оваа.