ФФМ ја претстави новата платформа FANZEAL, создадена за поблиска интеракција со навивачите и нови можности за комерцијални партнерства

Фудбалската федерација на Македонија денеска ја претстави новата стратешка соработка со иновативната платформа FANZEAL, која претставува значаен чекор во дигиталната трансформација на македонскиот фудбал. На официјалниот настан присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и Горан Пандев и претставниците на FANZEAL, извршниот директор Самуел Арнал и Дејан Вељковиќ.

Соработката меѓу ФФМ и шведската компанија е потврда дека фудбалот и новите дигитални алатки заедно можат да создадат нови можности, нови начини на поврзување и ново ниво на поддршка од навивачите и комерцијалните партнери.

Првиот човек на нашиот фудбал, Масар Омерагиќ и Горан Пандев во своите обраќања ја истакнаа важноста на ова партнерство, потенцијалот за продлабочена интеракција со навивачите и новите можности за привлекување комерцијални партнери.

„Нашата цел е јасна, да создадеме ново ниво на интеракција со навивачите, да ја зголемиме видливоста на нашиот бренд и да го отвориме фудбалот за нови можности. FANZEAL токму тоа го овозможува, директна поврзаност со публиката, персонализирани содржини, дигитални алатки и платформа која им нуди повисока вредност и на навивачите и на нашите партнери. Ова партнерство не е само технолошка новина. Тоа е стратегиска можност за зголемување на нашите комерцијални потенцијали. Со FANZEAL ја отвораме вратата за нови спонзори, за креативни кампањи, за подобра активација на постојните партнери и за нови брендови што сакаат да бидат дел од македонската фудбалска приказна“, истакна Омерагиќ.

Горан Пандев е избран да биде едно од заштитните лица на македонската платформа FANZEAL.

Фудбалската федерација на Македонија официјално ја презентираше платформата FAN ZEAL пред своите постојни и потенцијални комерцијални партнери. На настанот беа претставени клучните функционалности на платформата и нејзиниот потенцијал за унапредување на навивачкото искуство, како и можностите за нови модели на комерцијална активација.