Фестивалот Оффест одложен за ноември

Годинешното јубилејно 20-то издание на OFFest нема да се одржи во планираните термини во јуни (2-6). Единствена причина за одложувањето на веќе подготвената фестивалска програма е доцнењето на договорот и придружната документација (а со тоа и благовремената исплата на неопходниот аванс) од Министерството за култура.  Ова е прв ваков случај во историјата на OFFest.

Новите термини на OFFest се 9-13 НОЕМВРИ 2021. Фестивалот, годинава со значително скратен буџет, во најголем дел ќе ја зачува веќе подготвената програма, првично предвидена за реализација во јуни, со истото планирано фестивалско отворање – концертот на модерниот фадо дует Lina_Raül Refree, колаборативен проект на португалската фадо дива Lina Rodrigues и популарниот шпански артист Raül Refree, еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов.

Овој проект, кој лани кулминираше со албумот „Lina_Raül Refree“ (Glitterbeat), своевидна модерна посвета на музиката на големата фадо легенда Amália Rodrigues, беше оценет од критиката како еден од клучните настани на светската музичка сцена во 2020 година.
Во рамките на првата фестивалска вечер на OFFest 2021 ќе биде прикажан и документарниот филм “The Art of Amália”, посветен на кралицата на португалското фадо Amália Rodrigues.