Фестивал за класичен балет и модерен танц во Кино Милениум

Фестивалот за класичен балет и модерен танц ќе се одржи од денеска до 7 јуни во организација на Детскиот културен центар – „Карпош“, а со поддршка на Град Скопје. Сите љубители на оваа уметност ќе имаат можност да ги следат трите фестивалски вечери во Кино Милениум.

Во полн ек се подготовките за првото издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балтеската уметност и модерниот танц, соопшти Детскиот културен центар – Карпош.

-Концепираноста на фестивалската програма опфаќа широк спектар како класичен балет така и мноштво од современи стилови. Таа разноликост на фестивалот придонесува за афирмација на танцовата уметност кај младата популација , запознавање со иновативната содржина во негување на танцот како уметничко средство на изразност како и оценка на професионалните капацитети и ресурси за развој на танцовата уметност вели уметничкиот директор на фестивалот Маја Каревски, магистер по балетска педагогија.

-Особено, овој фестивал е значаен за Детскиот културен центар – Карпош, бидејќи првите научени балетски чекори се направени благодарение на Анелизе Асман, токму тука во далечната 1946 година и како прва балетска генерација се нотирани имињата на врвните солисти: Натка Пенушлиска, Емилија Џипунова, Олга Милосавлева, Елпида Паковска, Вера Бранѓолица, Смилка Силјанова и Јелица Поповска, истакнува директорката д- р Билјана Лалчевска Серафимовска.

Публиката е во ограничен број според сите протоколи за заштита од Ковид 19.