Фестивалот на млади уметници „Три дена култура“ од денеска до петок ќе се одржува во СУГС „Никола Карев“ – Скопје.

Се работи за отворена платформа во која секој млад уметник (средношколец) ќе може да го претстави своето авторско дело, а истовремено и да ги покаже своите нови идеи, сфаќања и размислувања во поглед на уметноста.

Програмата на фестивалот вклучува Средношколски филмски фестивал (СФФ), театарски перформанси, свирка и дигитална изложба. Денеска ќе се одржува Средношколскиот филмски фестивал, кој е прв од овој карактер во нашата држава. На фестивалот ќе бидат прикажани кратки авторски филмови снимени од средношколци (во официјалната селекција) и неколку кратки филмови во специјалната селекција како гости на фестивалот (филмови на млади студенти кои снимале во средно, како и краток филм изработен од школата за уметност „Џолев и уметностите“).

На фестивалот може да се пријави секој средношколец со свој краток филм. Темата на филмовите е слободна и секој автор може да испрати неограничен број филмови кои не треба да бидат подолги од 20 минути. За официјалната селекција ќе бидат избрани 10 најдобри кратки филмови, а најдобриот ќе биде избран од страна на публиката по пат на тајно гласање. По проекциите следи мала дискусија за филмови, режисери, како и прогласување на победникот.

В четврток ќе има „Театарски перформанси“, каде ќе учествуваат средношколци со свои театарски претстави. Вечерта ќе има пет перформанси, а целта е да се покажат што повеќе нови гледања и сфаќања на театарската уметност од страна на млади средношколци. Ќе се игра претставата „Чехов монолози“ – алтернативна претстава на драмското школо „СЦЕНА“, перформанс „Модерен Балет“ на Вајб Денс Студио, „Мудрост во четврт со месо“ на Елена Костовска, „Живот во розово“ на драмската група Корчагин по режија на Уна Николоска, а ќе има и една театарска импровизација. Истата вечер ќе има и една изложена претстава „Чекајќи го Годо“.

На последната вечер на фестивалот ќе има свирка и дигитална изложба. На свирката ќе учествуваат млади независни музичари и бендови со познати кавери, како и гости со свои авторски песни: Spectrum и Short Fuse Hero. Додека трае свирката, ќе биде поставена и дигитална изложба на млади уметници. На изложбата може да се пријави секој средношколец со свое ликовно дело или фотографија. Ќе гостуваат и „Beatrix Crew“ со своја кореографија.ж

Влезот за сите посетители е бесплатен.