Фестивал на биодиверзитетот во Скопје - локални производи, традиционални сорти и вкусови на едно место

Во Градскиот парк во Скопје во сабота, 3 октомври, ќе се одржи петтиот Фестивал на биодиверзитетот, годинава под мотото „Сочувај го вкусот, сочувај ја традицијата“.

Настанот ќе се одржува од 10 до 17 часот кај Фонтаната Лотос, каде посетителите ќе имаат можност да се запознаат со локални производители, традиционални земјоделски сорти и производи карактеристични за регионот. Фестивалот го организира Slow Food Vodno, во соработка со We Effect и Град Скопје, со цел да се промовира значењето на земјоделскиот биодиверзитет, локалното производство и зачувувањето на традиционалните вкусови и знаења.

Во фокусот на овогодишното издание е скопскиот јабучар, стара локална сорта домат позната по својот специфичен вкус и поврзаноста со традиционалната скопска градинарска култура.

Организаторите посочуваат дека зачувувањето на една традиционална сорта не значи само зачувување на семето. Со неа се зачувуваат и знаењата поврзани со начинот на одгледување, земјоделските практики и културното наследство што се пренесувало од генерација на генерација.

„Сочувај го вкусот, сочувај ја традицијата“ е и порака дека биодиверзитетот не се однесува единствено на богатството на природата, туку и на земјоделското и културното наследство на заедниците.

Покрај фестивалот, на истата локација, околу споменикот на Гоце Делчев, ќе се одржи и „Ден на граѓанските организации“, во организација на Цивика мобилитас.

Програмата на фестивалот предвидува локални производи и храна, како и интерактивни работилници за млади, дебати и презентации. Посетителите ќе имаат можност директно да се запознаат со локалните производители и со традиционалните производи, а програмата ќе биде дополнета со музички настапи и магионичарско шоу.

Фестивалот претставува простор на кој храната, земјоделството, природата и локалната традиција се поврзуваат преку конкретни производи и приказни од македонското земјоделско наследство.

Петтиот Фестивал на биодиверзитетот ќе се одржи на 3 октомври, од 10 до 17 часот, кај Фонтаната Лотос во Градскиот парк во Скопје.