
Инспекциските служби на Град Скопје вчеравечер затекнале лица кои нелегално исфрлале шут и градежен отпад на три локации во градот – две во општина Аеродром и една на улицата „Рузвелтова“ во централното градско подрачје.
Како што соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, сторителите биле идентификувани и евидентирани, а во текот на утрешниот ден ќе треба да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им бидат изречени соодветни глоби согласно законските прописи.
Покрај паричните казни, им е наложено уште истата вечер да го отстранат отпадот и да го транспортираат до овластена депонија, при што ќе треба да достават и кантарска белешка како доказ. Во спротивно, ќе се соочат со дополнителни санкции.
Ѓорѓиевски порача дека нема да се толерира загадување и уништување на јавниот простор, нагласувајќи дека инспекциските служби се постојано на терен и ќе продолжат со засилените контроли.
Тој упати апел до граѓаните да пријавуваат вакви случаи и заеднички да придонесат за почисто и поуредено Скопје.