„Фајзер“ ќе ги продава своите лекови на најсиромашните земји по непрофитна цена

„Фајзер“ ќе ги направи сите свои патентирани лекови, вклучително и „Паксловид“ за третман на Ковид-19 и „Ибранс“ против рак на дојка, достапни по непрофитна цена во 45 најсиромашни земји во светот, рече производителот на лекови.

Овие земји немаат добар пристап до иновативни лекови. Понекогаш се потребни четири до седум години за новите лекови да станат достапни во земјите со ниски приходи, според Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, доколку тие воопшто станат достапни.

Планот на „Фајзер“  вклучува 23 патентирани лекови и вакцини во целосна сопственост кои третираат заразни болести, одредени видови на рак и ретки и воспалителни болести.

Извршниот директор на американската компанија Алберт Бурла изјави дека сите лекови што се достапни треба да бидат корисни. Новите лекови и вакцини на „Фајзер“, исто така, ќе бидат вклучени во портфолиото на лекови по непрофитна цена, се вели во извештајот.

Договорот на Фајзер вклучува 45 земји со ниски приходи и го покрива најголемиот дел од Африка и поголемиот дел од Југоисточна Азија. Пет земји – Руанда, Гана, Малави, Сенегал и Уганда – веќе ветија дека ќе се приклучат на договорот објавен на Светскиот економски форум во Давос.

„Фајзер“ беше критикуван за начинот на кој ја воведе својата вакцина против Ковид-19, при што некои посиромашни земји чекаат месеци откако најраните дози пристигнаа во побогатите земји.