Евтината тарифа на струјата се враќа од октомври

Евтина тарифа на струја се враќа од октомври во домовите кај граѓаните на Македонија. Премиерот Заев денеска изјави дека како што ветиле и зацртале, така и направиле, со тоа што ја вратиле евтината тарифа за струја, практично им помогнале да заштедат, на најсиромашните категории на граѓани.

„Оваа мерка чини 8 милиони евра, пари кои ги враќаме назад на сите граѓани. Мерката најповеќе ќе ја користат сиромашните граѓани, што значи дека тие најмногу ќе заштедат. Оваа мерка нема да влијае на цената на струјата“ рече Заев,

Тој објасни дека денската евтина тарифа, секој работен ден, вклучително и сабота ќе трае од 14 до 16 часот, а во недела преку цел ден. Исто така секој работен ден од 22 до 7 часот наутро.

Премиерот рече дека како влада, можат со сигурност да кажат дека до јуни следната година, нема да има покачување на цената на струјата, но, сепак, како што рече тој, ако расте цената на берзите, сигурно дека ќе има корекции и кај нас.

Според вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев заштедите во енергетските компании, Мепсо и Елем, односно, нивното домаќинско работење, ќе им бидат пренесени на граѓаните, особено посиромашните. Тој истакна дека ЕВН нема да добие субвенции, поради воведувањето на новата мерка на владата.

Во донесувањето на одлуката, како што рече Анѓушев, биле консултирани сите чинители кои се релевантни.