
Проф. д-р Гоце Наумовски, редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со докторат стекнат на Универзитетот во Стразбур, се очекува да биде избран за нов уставен судија.
Станува збор за еден од респектираните македонски правни научници, со долгогодишно искуство во областа на римското и европското право, како и во интелектуалната сопственост и правната аргументација. Проф. Наумовски има објавено бројни научни трудови во домашни и меѓународни списанија и активно учествува на европски и светски конференции.
Препознатлив е и по својата европска академска вмреженост, учество во меѓународни истражувачки проекти и соработка со повеќе универзитети и правни институти во Европската Унија. Како професор, со години е посветен на едукација на нови генерации правници, со фокус на владеењето на правото, уставните вредности и правната сигурност.
Очекуваниот избор на проф. Наумовски се оценува како сигнал за ориентација кон стручност, интегритет и европски стандарди во работата на Уставниот суд, како и чекор кон понатамошно зајакнување на довербата во уставно-судската заштита.