Европски фронт ама само со албански партии

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Скендер Реџепи од Народното движење денес го најавија формирањето на Европскиот фронт. Се очекува приклучување на ДПА на Мендух Тачи, на  Европска демократска партија (ЕДП) на Аријанит Хоџа, на крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците и на партиите на Бошњаците, на Турците и на Ромите во Македонија.

„Ние секогаш сме сонувале како Албанците ќе бидат обединети во еден фронт. Големите нешта не се прават сами. Ова обединување на Албанците во Македонија е бидејќи нештата во глобалната политика чекорат лошо. Ова обединување, треба да се поддржи од сите заедници во државата. Овој фронт ќе излезе во пресрет во секој дел од општеството. Сите треба да ги поддржиме овие обиди кои произлегуваат затоа што Албанците историски изгубиле во одлучни моменти кога не биле обединети. албанското тло е распарчено, затоа да се засилиме. Од денеска сме еден народ и треба да ги реализираме соништата на нашите претци. Да не паѓаме во заседа на малите партии, туку да ја гледаме нашата историска мисија и да ја држиме во живот“. - рече Ахмети.

За Реџепи денес се отвара ново поглавје со кое ќе се реализираат соништата на нивните претци.

„Денеска се отвора поглавје кое се нарекува „Европски фронт“ и кој ќе се памети долго, бидејќи овој фронт ќе биде носител на промени и  на подобрување на животниот стандард. Овој фронт ќе биде добар бидејќи нашето општество без етнички проблеми ќе биде подобро општество. Овој фронт е почеток, иницијатива која ќе докажува дека ние нашите целиги постигнуваме со работа и со долгорочни дела. Овој фронт е составен од два политички субјекти – ДУИ, која веќе 22 години е дел од владата и Народното движење кое ќе биде најголемото нешто во политиката во иднина, зошто промените ги прават тие кои се на вистинското место во вистинско време“ вели Реџепи.

Лидерот на ДУИ Ахмети не пропушти уште еднаш да ја спомене Русија и руското влијание во земјата. Тој притоа кажа дека има партии кои директно се финансирани од самата Русија и посочи дека цел Западен Балкан е во директна опасност од таквиот начин на делување.