Европска недела на имунизација „Заштити, спречи, вакцинирај!“

Под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај!“ во Македонија денеска ќе биде одбележана Европската недела на имунизација, во организација на Министерството за здравство, во соработка со Канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија и Здравствениот дом-Скопје.

– Еден од врвните приоритети на Министерството за здравство е грижата за здравјето на децата, и во таа насока континуирано работиме на осовременување на календарот за имунизација. Посебно значајно е воведувањето на поливалентните вакцини, со кои значително се намали бројот на боцкања во текот на првата година од животот на децата. Со само едно боцкање најмладите се штитат од многу болести, а со редовната вакцинација постигнуваме колективен имунитет и стабилна епидемиолошка состојба. Од почетокот на воведувањето на поливалентните вакцини се искористени над 80.000 дози од петвалентните и шествалентните вакцини, посочуваат од Министерството за здравство.

Родителите, додаваат оттаму, имаат можност бесплатно да ги вакцинираат децата и со вакцина против стрептококни заболувања, која е незадолжителна и е наменета за деца на возраст од шест недели до пет години. Оваа вакцина, посочуваат од Министерството за здравство, штити од повеќе заболувања, како што се тешки пневмонии, воспаление на увото, менингит, особено кај малите деца и децата со намален имунитет.

На одбелешувањето, кое во Македонија се организира по 12-ти пат, настапи и рецитали ќе имаат ученици од повеќе основни училишта од Скопје и деца од хорот „Златно славејче“.

Настанот е со забавен и информативен карактер со цел потсетување на бенефитите од вакцините и фактот дека со помош на вакцините се елиминирани и во голема мера се редуцирани многу тешки заболувања, како што се вариола вера, дифтерија, парализа и други заразни заболувања.