Европа не ја наоѓаме тука, па се иселуваме - велат младите незадоволни од општеството

58% од младите би се иселиле од државата, а 64,8% се незадоволни од своето место во државата, покажуваат податоците од истражувањето изработено од Фондацијата за демократија на Вестиминстер, на кој учествувале околу 1 000 испитаници.

Несомнено истражувањето покажува еден поразителен факт - имаме висок степен на младинско незадоволство во врска со тоа како државните власти се грижат за оваа категорија на луѓе и второ, дека имаме огромна дискрапанца помеѓу кои можности и потреби ги имаат младите на локално ниво и на централно ниво.

Граѓаните не се согласуваат со овие бројки. Коментираат дека процентот на млади кои би се иселиле кога би имале можност е многу повисок од 58%, а исто така, сметаат дека и повисок е процентот на незадоволни млади.

Своето незадоволство го искажаа на социјалните мрежи.

-Нормално е дека ќе се иселуваат. На што личи ова, се работи за 300 евра плата за пратениците да земаат над 10.000 евра годишно само за патни трошоци. Ова го има само кај нас, ова тука не е Европа, вели една млада девојка која вели дека кога би имала можност веднаш би ја напуштила Македонија.

-Не само помладите, туку секој што е работоспособен што подалеку од тука. Ни земаaa 30 години живот надевајќи се дека ете ќе се оправи барем нешто, за на крај да ја продадат во целост, како едните така и другите. Е нема моите деца да ви ги плаќаат кредитите со кои што ја задолживте земјава за да се обогатите, пишува еден револтиран граѓанин.

Граѓаните, во добар дел, велат дека ова истражување не ништо ново и дека бројките само потврдуваат дека системот не ги исполнува потребите на граѓаните, всушност и за што постои.

-За едни тука е Европа, за други Америка, само треба да знаеш да лепиш плакати и од куќа на куќа да одиш и „оп“ супер работно место. Диплома може и купена да заврши работа, констатира друг граѓанин.

Генералните констатации на Македонците одат во насока дека егзистенцијата е главниот проблем за младите, но и воопшто за работоспособните граѓани. Изгубена е вербата дека трудот ќе се цени и исплати, па така незадоволството расте. Преголема исполитизираност, нефункционален систем кој доведува до демотивација и разочараност ги „влече“ младите кон опцијата за подобра иднина далеку од таковината. 

-Јавна тајна е дека до работно место се доаѓа само со врски. Високиот успех на факултет, искуството, лојалноста не се вреднуваат, затоа повеќето бараме начин да се снајдеме во странство, вели млад кумановец кој иако има завршено медицина со висок просек, среќата ја бара во Германија.