ЕВН Македонија награди 288 лојални корисници

Заврши наградната игра за лојалните корисници на ЕВН Македонија. Во 12-те кола од наградниот циклус беа наградени вкупно 288 корисници. Доделени беа вредносни ваучери од вкупна вредност од 2 милиони и 280 илјади денари.

12 корисници добија вредносни ваучери од 100 илјади денари, а 36 корисници добија вредносни ваучери од 30 илјади денари со кои ги заменија старите уреди со нови и придонесоа кон заштеда на енергијата во своето домаќинство или канцеларија. 240 корисници пак добија сетови за енергетска ефикасност составени од мерач за електрична енергија, тајмер и метеоролошка станица. Во „Награди за штедлив дом” право на учество имаа сите корисници на ЕВН Македонија од категоријата „домаќинства“ и „мали бизнис корисници“, кои до ЕВН ги имаа доставено своите лични податоци (име и презиме, адреса и матичен број).

Добитниците се извлекуваа по случаен избор со помош на компјутерска селекција. Ова е првата наградна игра организирана на територија на Македонија во која учествуваат и оние кои не купиле нешто како услов за учество, туку едноставно ги ажурирале своите податоци во базата на ЕВН Македонија.

Во текот на наградната игра корисниците заедно со сметките за електрична енергија добија формулари за ажуирање на своите податоци за да можат полесно да учествуваат во извлекувањата. Интересот за наградната игра беше голем, и Корисничките енерго центри низ земјата постојано примаа корисници кои ги ажурираа нивните податоци.

Извлекувањата се емитуваа во емисијата „На гости кај“ која можеше да се погледне на МТВ1 на Алсат М телевизија и на ЈуТјуб. Во емисијата водителката Зорица Црношија посетуваше домови на познати лица во Македонија со кои разговараше за нивниот животен стил, вклучително и навиките за користење на електрична енергија.