Еве кои сметки не треба да ги плаќате ако се стари една година

Според  Законот за облигационите односи со застареноста престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската.

Обврската може да потекнува oд договорен однос, од еднострана изјава на волја, од причинување на штета, од стекнување без основ или од работоводство без налог, а може според својата содржина да се однесува на одредено давање, сторување, несторување или трпење.

Застареноста настапува кога ќе истече определеното време со закон во кое доверителот можел да бара исполнување на обврската.  Значи со застареноста по истекот на определеното време се губи правото да се бара присилно извршување на обврската. Всушност може да се побара судот да го задолжи должникот да ја исполни својата обврска, меѓутоа ако должникот приговои дека барањето е застарено, во тој случај судот ќе го одбие тужбеното барање.

Од ова може да се заклучи дека  судот не внимава на застареноста по службена должност односно истата ќе ја земи во предвид при одлучувањето само во случај кога од страна на должникот е истакнат приговор за застареност. Приговорот за застареност служи како еден вид одбрамбено правно средство.

Доколку не поднесете приговор за застареност, судот ќе донесе одлука, со која ќе го прифати тужбеното барање на доверителот за намирување на неговото побарување по судски пат.

Според член 367 од ЗОО  за една година застаруваат:

– побарувањето на надомест за испорачана електрична и топлотна енергија, гас, вода, за оџачарски услуги и за одржување на чистота, кога испораката, односно услугата е извршена за потребите на домаќинството;

– побарувањето на радиостаница и радио-телевизиска станица за употреба на радио-приемник и телевизиски приемник;

– побарувањето на пошта, телеграф и телефон за употреба на телефон и на поштенски преградоци, како и другите нивни побарувања што се наплатуваат во тримесечни или во пократки рокови и

– побарувањето на претплата на повремена публикација, сметајќи од истекот за времето за кое е нарачана публикацијата.

Застарувањето тече иако се продолжени испораките или услугите.

Овај рок најчесто се однесува на побарувања произлезени од давање на комунални и други слични услуги од страна на јавните претпријатија на домаќинствата. Сите тие услуги се одвиваат континуирано со што побарувањата треба навремено да се реализираат од причина што граѓаните не можат за секој месец да водат сметка, за кој месец побарувањето го платиле, ниту пак се во можност трајно да ги чуваат сметките со кои тие ги платиле овие услуги.  Причини кои имале влијание врз определувањето на ваков  краток рок на застареност се :  потребата од константна испорака; повремена наплата; големиот број на наплати; малите износи на тие наплати;  да се избегне тие побарувања поради неактивност на доверителот да достигнат високи износи; избегнување на потребата примателите на испораките да водат домашна архива за извршените исплати; тешкотиите во докажувањето на извршените исплати и слично.

Застареноста почнува да тече првиот ден по денот кога доверителот имал право да бара исполнување на обврската, односно од денот на втасаноста на обврската. Од тој момент па се до истекувањето на последниот ден од времето утврдено за застареност, доверителот има правна можност своето побарување да го оствари по судски пат.

Прекинување на застареноста настанува  со признавање на долгот од страна на должникот , подигање на  тужба и со секое друго доверителово дејствие преземено против должник пред суд или пред друг надлежен орган заради утврдување, обезбедување или остварување на побарувањето. Испраќњето на опомени пред тужба и слично не го прекинуваат застарувањето.

Откако доверителот ќе подигне тужба против должникот и со настанувањето на прекин на рокот на застареност, застарувањето почнува да тече одново од денот кога спорот е окончан или завршен на некој друг начин.

Често се случува на граѓаните да им стигне утужена сметка дури и од пред десеттина години, во вакви случаи треба да се внимава на датумот на утужување од страна на доверителот во однос на тоа дали е поминат рокот од 1 година за застареност на побарувањето. Доколу доверителот утужил во предвидениот рок од 1 година, не постојат услови за поднесување на приговор на застареност, бидејќи со самото утужување течењето на рокот на застареност се прекинува се до донесување на конечна одлука. Тука се поставува прашањето за одговорноста на државата во во врска со големите трошоци што се ствараат како резултат на неажурноста на судовите, а кои за жал  неоправдано паѓаат на терет на должниците.

ВАЖНО: Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за десет години, па и оние за кои законот инаку предвидува пократок рок за застареност. Ова се однесува за побарувања што се правосилно утврдени, па поради тоа, со ништо не може да бидат оспорувани, пишува Правдико.