Еве какво ќе биде времето за Велигден и за Први мај

„Како што најавивме од денес Велики четврток до задутре Велика сабота во попладневните и во вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради загреаната атмосфера локално има услови процесите да бидат поинтензивни и во форма на невреме проследено со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град. Во зоната на нестабилност локално има услови да наврне и позначително количество на воден талог за релативно кратко време. Вечерта на Велика сабота сеуште има услови за локална нестабилност додека веќе околу полноќ за време на Христовото воскресение истата ќе се повлекува и атмосферата постепено ќе се стабилизира.

На првиот ден од Христовото воскресение – Велигден ќе имаме претежно стабилно, суво и релативно топло време.

Што се однесува пак за времето за први мај повторно очекуваме дестабилизирање на атмосферата и врнежи но овие информации се сеуште неофицијални што значи дека конечна анализа за први мај граѓаните ќе ја имаат овие денови. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 28 степени додека во најтоплите региони истите не се исклучува можноста да се искачат до 30 степени.

Поради силното југозападно воздушно струење и понатаму од Сахара кон нашата територија ќе се фрши голем транспорт на прашина и на песок со што и атмосферата ќе биде многу заматена а времето ќе биде мачно и спарно.“, вели во своите анализи метео- прогнозерот Славчо Попоски.