Еве како може да се објавуваат текстови на Википедија на македонски јазик

Википедија е слободна енциклопедија која секој може да ја уредува, основана на 15 јануари 2001 година, а на македонски јазик е достапна од август 2003 година, иако заедницата на активни корисници е создадена во 2005 година. Содржините низ текот на годините ги имаат пишувано уредници со различни занимања и знаење од различни области, вклучително и студенти, универзитетски професори и научни истражувачи. Најголем дел од содржините се плод на макотрпната работа на околу 15 многу активни уредници, кои месечно придонесуваат со повеќе од 100 уредувања кон проектот.

-Не постои нешто што треба да го достигнете за да може да уредувате постојни или да создавате нови содржини, вели Тони Ристовски, уредник на Википедија на македонски јазик од 2010 година.

Сепак, сите уредувања и создавање на нови содржини подлежат на одобрување и проверка од страна на поискусните уредници, пред сѐ администратори и други оценувачи. Во суштина постои систем на хиерархија, но тој не спречува никого да не може да уредува.

-Уредувањето е прилично лесно и постојат бројни страници за помош, кои се наоѓаат на почетокот на главната страница на Википедија, открива Тони Ристовски, кој како што откри и самиот за СкопјеИнфо има напишано над 8500 статии. 

Википедија на македонски јазик е основана во 2003 година, но својот вистински почеток го има по 2005 година, кога започнува вистински да се развива.

Основачите на Википедија на македонски јазик биле луѓе, ентузијасти, кои го посветиле своето слободно време на изградба на тоа што ќе стане најголемата македонска енциклопедија. Меѓу другите биле Слободан Јаќоски, Ивица Дукоски, Милош Столиќ, Бојан Манчев, Димче Грозданоски итн.

Кои се глави корисници по категории?

-Нема такво нешто, некој да е главен за нешто. Сите може да уредуваат на сите статии, следејќи ги правилата на Википедија, а тоа се напишаното да биде проверливо, односно да има извори, да вклучува неутрален поглед на работите и да нема оригинално истражување.  Википедија е составена од заедница на уредници (волонтери) кои го трошат своето слободно време на уредување содржини на Википедија и за истото не добиваат надомест, објаснува Тони Ристовски за СкопјеИнфо.

Од страна на правниот застапник Фондацијата Википедија се доделуваат грантови врз основа на поднесени проекти, доколку се поврзани со Википедија. Истовремено, две здруженија на граѓани се сконцентрирани на проширување на активностите на Википедија во нашата држава.

Бројот од 100.000 статии го означува јубилејот на македонската википедија, но и зрелост за една енциклопедија, а воедно Википедија на македонски јазик е најбројна и најсодржајна енциклопедија на македонски јазик.

Нивните идни планови се да има поголем број на уредници, активноста да се зголеми, како и дополнително да порасне квалитетот на статиите.