ЕУ ќе купува лекови и тестови за мајмунските сипаници

Европската унија (ЕУ) одлучи да купи вакцини и антивирусни таблети за борба против мајмунските сипаници, вирус кој е ендемичен во Африка и вообичаено редок на други места, изјави денеска шведскиот координатор за вакцини Ричард Бергстром.

„По неколку состаноци, беше одлучено да ги купиме вакцината и антивирусни таблети“, изјави координаторот, пренесува „Ројтерс“.

Како што е најавено, ЕУ ќе ги купи вакцини „Имванек“ од компанијата „Bavarian Nordik“ и антивирусните таблети „Tecovirimat“ од компанијата „Siga Tehnologic“.

Бергстром изјави дека ЕУ сè уште нема потпишано договор со ниту една компанија.

„Но, ќе го направиме тоа наскоро. Треба да имаме завршен договор за една недела, а можеби и ограничени испораки во јуни“, рече тој, пренесува „Ројтерс“.

„Имванек“ е вакцина против сипаници, која е слична на мајмунската сипаница.

Од почетокот на мај, здравствените власти ширум светот следеа повеќе од 200 сомнителни и потврдени случаи на обично благи вирусни инфекции во 19 земји.

Варијантата на мајмунски сипаници поврзана со актуелната епидемија има стапка на смртност од околу еден процент, а досега не е регистриран ниту еден смртен случај, наведува британската агенција.