Етно-одаја во Аеродром

Здружението на уметници ракотворци „Арти крафт“ од Скопје ќе отвори етно-одаја, во која ќе претстави носии од скопскиот регион, стари предмети од покуќнина, како и сувенири изработени од неговите членови.

Етно-одајата ќе биде сместена  во барака на ул. Владимир Комаров бр. 4, спроти ОУ „Браќа Миладиновци“, во општината Аеродром и е планирано официјално да биде отворена на 28 февруари.

Се простира на 80 квадратни метри во три простории, во кои ќе има три изложби - на народни носии, сувенири и копаничарски предмети. Претседателката на ЗУР „Арти крафт“, Гордана Митровска, за МИА изјави дека народните носии ќе бидат од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора. Петнаесетина од нив се од приватната колекција на Достана Караѓозовска-Станковска, која е една од 26-те ракотворци членови на ова здружение и која поседува богата збирка од над 150 носии.

За да ја збогатат збирката во етно-одајата, од ЗУР „Арти крафт“ ги повикуваат граѓаните да им ги донираат старите етно-предмети што не им се потребни.

- Секој во својот дом има нешто старо и ако не сака да го фрли, може да ни го достави. Тоа, по желба на донаторот, може да биде траен подарок или да ни биде отстапено на одреден период, по што ние ќе му го вратиме предметот. За секој предмет ќе има легенда со податоци за дарителот - изјави Митровска.

Во етно-одајата ќе има и едукативни работилници, каде што во живо ќе бидат претставени стари занаети, како ткаење на разбој, копаничарство, грнчарство, опинчарство, изработки со срма и слама, филигран, пирографија, плетење и нижење мониста...
Граѓаните што сакаат трајно или привремено да отстапат народни носии или архаични предмети од домаќинството може да се обратат во ЗУР „Арти крафт“.