Етеми: Нема начин да ми се надомести штетата, зградата кај „Мајчин дом“ ќе биде изградена

Инвеститорот кој ја гради зградата пред „Мајчин дом“ во Аеродром, Фатмир Етеми, најави продолжување на градежните активности на плацот. Етеми вели дека во разговор со сите надлежни институции заклучено е дека нема начин да му се надомести штетата, која е проценета на повеќе од 8 милиони евра, или да му се обезбеди заменска парцела со приближна вредност.

Сопственикот на Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, најави инвестиција во нов парк во Аеродром.

„Ова е наш придонес за општината и граѓаните. Нашата компанија е општествено одговорна и сакам да обезбедиме подобри услови за живеење во Аеродром. Стојам на располагање и за други еколошки проекти во општината и во процесот сум спремен целосно да ги вклучам граѓаните“, најави Етеми.

За зградата кај „Мајчин дом“ рече дека ќе биде целосно енергетски ефикасна и дека проектот е изработен со особена грижа за околината и животната средина. „Самиот објект ќе има вертикално и хоризонтално зеленило со посебен систем за одржување. Дополнително ќе насадиме 100 дрвја и ќе извршиме целосно партерно уредување на плацот околу ‘Мајчин дом’“, рече Етеми.