Естонија ја замени со Македонија, тука се заљуби во народот, традиција и храната

Софиа е родена и пораснала во Естонија, а веќе три години живее во Скопје. Тука пронајде еден скопјанец во кој се вљуби, а подеднакво и во начинот на живот, за кој како што вели се разликува доста од животот во Естонија.

Таа пред пет години, дошла во Скопје, на екскурзија. И од таа екскурзија нејзиниот живот почнал да се менува.

-Дечкото кој ме возеше со такси, е всушност мојот денешен сопруг. Кој би кажал... Се запознавме случајно. Јас бев со уште две другарки и случајно наидовме на него. Тој беше љубезен. Ни одговори на сите прашања кои му ги поставивме, и во рок од петнаесетина минути додека се возевме, успеа да никаже каде да се шетаме. И кога веќе имавме добар водич, пред излегување од таксито, само го прашав да ни се придружи на прошетката, и како добар домаќин да не запознае со својот роден град. И тој не се мислеше многу. Се шетавме заедно со него. Се дружевме цела една недела. За таа една недела почнаа да се развиваат емоции, и така започна се. Еве денеска, сум негова сопруга. Денеска имам едно детенце. Мојот таксист, така милувам да го нарекувам, иако денеска повеќе не се занимава со таа професија, тој за мене ќе остане секогаш мојот таксист од Скопје.

Голем град е Скопје, го истражувам секојдневно, и знаете му се восхитувам. Пропратно, се уште го учам македонскиот јазик. Ги сакам луѓето тука, се восхитувам како сите се дружат и живеат. Секој има време за дружба.

Ми се допаѓа што постојано има каде да излезеш, постојано се случува нешто ново. Особено, ми се допаѓа она “ајде на кафе”... И старите и младите сакаат да се шегуваат, да се смеат. Топол народ е македонскиот. Во другиот дел на Европа, луѓето брзински ќе го испијат кафето и секој на своја страна, но не и тука. Во Македонија се седи и се зборува, се смее, се дружи...

Јас сакам многу да танцувам, за среќа во Скопје има таков клуб, кој го посетувам уште од првите денови. Таму ги стекнав привите пријатели, таму научив многу работи. Јас танцував и додека бев во Естонија, тоа е моето хоби уште од детство.

Ах македонската храна... Има ли нешто поубаво? Зелникот, мекиците, ќебапот, тавче гравче, сарма, ајвар, зелка од туршија со црвен сол, качамак, проја... Нешто прекрасно. Научив да сукам. Не сум експрет како свекрва ми, но ќе ја стигнам ( се смее...).

И мажите и жените се убави и згодни, ми се допаѓа тоа што има почитување.

Различна култура и различни навики.

Убава е Македонија, убав е животот тука.