Естетската хирургија хит кај жените, но и кај мажите - скопјани завршуваат на клиника поради компликации

Скопјанка сакала да и ги зголемат усните со филери, но со отоци завршила на Клиниката за пластична хирургија. Ова е само еден од многуте примери кои со сериозни компликации  од инјектирањето ботокс или филери на делови од лицето бараат помош од пластичните хирурзи да ги поправат грешките.

-Многу често се случува да имаме компликации. Кај нас поготово тоа не е решено институционално затоа што за овие минимално инвазивни корекции кај нас буквално секој се боцка од козметичари до надрилекари итн. Сепак тоа треба да го прават лиценцирани лица. Не навлегувам во тоа дали мора да бидат хирурзи, дерматолози или стоматолози, но сепак да имаат медицинско образование . Многу е важно што материјал се става, зависно од материјалот знаат да бидат и компликациите, затоа што многу материјали се увезуваат нелегално и не се знае што се инјектира во лицето, изјави доц. д-р Боро Џонов од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, за Сител. 

Доктор Џонов советува жените, но и мажите пред да се одат на зголемување на усните или израмнување на брчките со ботокс или филери добро да се информираат со што ќе ги боцкаат.

-Кога ќе одат на една таква интервенција која што е во една нелиценцирана установа или козметички салон треба претходно убаво да се информираат , кој материјал е и што ќе биде боцнато односно ставено во нивните тела, додаде д-р Џонов.

Ако пред една децеција естетските промени на лицето и телото беа табу тема во Македонија последни години се повеќе граѓани се одлучуваат недостатоците да ги корегираат најчесто со ботокс или филер, но пластичните хирурзи предупредуваат дека освен алергиска реакција можат да предизвикаат слепило, па и мозочен удар.