ЕСМ: Поради нискиот хидропотенцијал се набавува струја

ЕСМ со соопштение во јавноста информира дека поради обезбедување на вкупни потреби од електрична енергија за Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, обезбедување на загубите во електродистрибуција  и системските услуги за АД МЕПСО, како и оптимизација на производството и акумулациите ќе изврши набавка на струка во период од 1-15 ноември.

Од ЕСМ додаваат дека потребните количини кои треба да се обезбедат изнесуваат 12.050 MWh.

„Набавката на електрична енергија е потребна за зачувување на хидропотенцијалите кои се на ниво на 19% од вкупната акумулирана енергија, што е далеку под просекот за овој период од годината. АД ЕСМ внимателно ја следи состојбата и ќе ги прилагодува потребите од набавка врз основа на сопствениот расположлив производствен капацитет.  Со оглед на слабиот хидропотенцијал, компанијата ќе продолжи со производство на електрична енергија искористувајќи ги пред сè, своите расположливи капацитети ТЕ Битола 2, ТЕ Битола 3 и ТЕ Осломеј, како основа за производство на базна енергија. Согласно воспоставената динамика и потребите на системот, компанијата ќе продолжи да купува електрична енергија на секои две недели до крајот на годината  во согласност со потребите на универзалниот снабдувач и зголемениот конзум  во претстојниот период“, се вели во соопштението.  

Од ЕСМ додаваат дека во втората половина од ноември во план е вклучување и на ТЕ Осломеј за чии потреби во тек е отворен јавен повик за набавка на 400.000 тони висококвалитетен јаглен за период од шест месеци. Станува збор за количини кои АД ЕСМ нема да има обврска да ги набави. Набавката ќе се врши само ако се добијат поволни цени  и доколку јагленот е во согласност со параметрите за калоричност, соодветни за термоелектраната Осломеј. Повикот е транспарентно објавен на веб страницата на АД ЕСМ и во два дневни весници“, стои во соопштението на ЕСМ.