Стотици студенти и граѓани излегоа на протест во Тирана, барајќи подобри услови за студирање, поголема финансиска поддршка и подобри можности за вработување. Демонстрациите во текот на денот прераснаа во судири со полицијата, која употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата.
Најголемите тензии се случија пред Министерството за образование, каде што дел од демонстрантите фрлаа камења, јајца и петарди кон зградата. Беа искршени прозорци и оштетена заштитната ограда, по што полицијата интервенираше и приведе неколку лица.
И покрај интервенцијата, дел од демонстрантите повторно се собраа на улиците во близина на Министерството, продолжувајќи со антивладините скандирања. Меѓу барањата беа и оставка од премиерот Еди Рама и пошироки политички промени.
Протестот го одразува незадоволството на младите поради условите на универзитетите, трошоците за високото образование и неизвесноста околу вработувањето по дипломирањето. Дел од учесниците го проширија своето незадоволство и на социјалната нееднаквост и начинот на кој функционираат државните институции.
Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, ја осуди полициската интервенција и изрази поддршка за студентите, обвинувајќи ги властите за употреба на сила.
Според извештаите објавени во текот на вечерта, немирите се прошириле и на други локации во центарот на Тирана, каде што биле запалени предмети на улиците. Ситуацијата останала напната, а полициските сили продолжиле да го обезбедуваат поширокото подрачје.
Cтудентите најавија и бојкот на наставата низ Албанија
Незадоволството продолжува и по протестите во Тирана. Студентите најавија дека на 14 октомври ќе ја бојкотираат наставата низ земјата, со цел да извршат дополнителен притисок врз властите и да ги натераат да одговорат на нивните барања. Засега не е познато колку студенти ќе се приклучат на бојкотот, ниту дали надлежните институции ќе преземат конкретни мерки.