Есенското сонце ни оди во прилог - потопло време, пониски сметки

Деновиве имаме пролетни температури во среде есен. Метеоролозите со убави вести и за наредните денови. 

Потопло време, пониски сметки. Ова е едноставна но и точна равенка. Сончевата есен, несвојствена за Македонија ќе значи помали трошоци за греење за сите, но најмногу за оние кои како енергенс ја користат струјата. Според прогнозите релативно топлото време ќе продолжи уште најмалку две недели.

Најголем дел од оние што користат струја воопшто и ги немаат вклучено грејните тела, дури и оние што веќе се греат користат малку енергија. Најмногу ќе заштедат домаќинствата што имаат клима уред. Ефикасните клима уреди при повисоки надворешни температури работат со минимален капацитет, па со тоа и потрошувачката на струја е минимална, анализира Денар.

„Оние што имаат клима уреди со инвертор, стручно наречени топлотни пумпи воздух – воздух, штедат најмногу. Системот работи автоматски, се одредува температурата на 20 или 21 степен и се вклучува само по потреба или пак работи само со мал дел од капацитетот, во вакви временски услови со 10 или 20 проценти. Тука е максимална заштедата“, вели професорот Ристо Цицонков.

Цената на струјата на 1 јули се намали за 0.10%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 2 денари.

Потоплото време значи и помала потреба за ложење на каминот и ќумбето, но овде може да се згреши во процената, велат експертите. Во Македонија околу 150.000 домаќинства го користат дрвото како основен енергенс.

„Таму нема автоматика, самите треба да одредите колку дрва ќе наложите, па може да се направи погрешна проценка – наутро да се стават многу дрва а потоа денот да биде топол, па температурата во собата да биде и превисока. Тука се груби пресметките, па не се штеди толку“, објаснува Цицонков.

Веќе неколку години огревното дрво се продава по исти услови – 2.370 денари за кубик бука и 2.470 за кубик даб. Има и друга поевтина, категорија која се нуди за 1.860 денари.

Граѓаните кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Нивните сметки засега се исти, но се очекуваат порамнувачки со понизок износ веќе од следниот месец.

„Оние кои се приклучени на топлификација секако трошат помалку енергија. Но, овде крајните сметки зависат од повеќе фактори. Системот е гломазен, се вклучува уште рано наутро за топлината да биде дистрибуирана до домовите. Самите корисници не секогаш имаат термостати и регулаторни вентили. Сепак, во крајна линија се зависи од регулаторот и од снабдувачот“, вели Цицонков.

Веќе неколку години по ред парното греење поевтинува иако минимално. Од први август најголемиот снабдувач, БЕГ, има пониски цени за 3.10%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 1.13%, а „Скопје Север“ за 0.76%.

Според Државната статистика (ДЗС) 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Топлото време најмногу им оди во прилог на „штедачите“ кои или не го загреваат целиот дом или ја намалуваат температурата. Во Македонија такви има многу.

Според податоците на ДЗС во земјава во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени.

Сепак, може да се заштеди и без дополнителни инвестиции и без драстично намалување на квалитетот на животот. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни. Ова е проста математика за заштеда при греењето. Навечер доволно е температурата да биде меѓу 15 и 17 Целзиусови степени со што би се генерирала дополнителна заштеда, а наутро за кратко време системот за греење би ги постигнал потребните 20 степени. Пресметките покажуваат дека еден степен постудено значи 5% помала сметка.