Епидемијата на грип полека си заминува, дупло помалку заболени минатата недела

Институтот за јавно здравје на Македонија само во последната недела има регистрирано 2 417 новозаболени лица од грип, што би значело намалување за 55% споредено со почетокот на јануари кога грипот беше во подем и беа регистрирани 5 472 случаи на заболени од грип. 

Најмногу заболени има во Битола 259, Прилеп 243 и Охрид 228, додека пак Валандово нема регистрирано ниту еден случај на грип оваа сезона. Во јануари 71,8% од сите заболени случаи и припаѓаат на најголемата возрасната група од 15-64 години, а лицата над 65 години учествуваат со 17,5% или 423 заболени лица. Најмалку се инфицирани децата од 5-14 години каде се евидентирани 136 случаи, а кај децата на возраст од 0-4 години има само 123 заболени. 

Оваа сезона вакцинирани се вкупно 26.665 лица и потрошени се 99,9% од вкупно набавените вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години односно 15.324 лица или 57,5% од имунизираните. Од категоријата на здравствени работници, вакцина против грип примиле 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени.