Епидемијата ја одложи набавката на десетте еколошки автобуси

– Заради околностите со ковид-19 во регионов и речиси цела Европа, логично е дека пристигнувањето на првите автобуси ќе доцни, односно нема да се исполни очекуваната динамика – кусо одговорија од претпријатието, посочувајќи дека во актуелнава ситуација, неблагодарно е да најавуваат нови термини кога би се реализирала испораката на првите автобуси.

Првите десет автобуси требаше да бидат традиционалната боја на ЈСП – црвената и како што најави Шилегов пред еден месец, требаше да бидат пет единечни и исто толку зглобни, или пак, соодносот да биде 6 со 4.

Добавувач на автобусите е хрватската компанија „Ауто Хрватска“, со која Градот потпиша договор на 25 септември, минатата година, според кој, набавката ќе биде сукцесивна , односно дека до крајот на март се очекува да пристигнат половина од автобусите, а во мај треба да пристигнат сите.

Станува збор за вкупно 33 нископодни автобуси, од кои 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Автобусите ќе имаат мотори еуро 6 стандард и во нив ќе има дополнителна опрема, како што се вградени полначи за телефони. Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички. Ќе прават годишна потрошувачка од 16.418 евра.

Овие автобуси треба да го подноват возниот парк на ЈСП кој во моментов има возила во просек со еуро 4 стандард мотори.