Опаѓа бројот на склучени бракови, а генерално расте бројот на разводи во земјава, иако во првиот квартал од годинава има помалку разводи во истиот период лани.
Во ова тримесечје од годината се склучени 1 846 бракови и нивниот број е намален за 25.8 % во споредба со истиот период од 2024 година. Регистрирани се 465 разведени бракови, што претставува намалување од 22.1 % во споредба со истиот период од 2024 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период претходната година.
Во „твитер“ групата за следење и анализи на демографските процеси на македонскиот народ во Македонија и низ светот констатираат поразителни факти.
- Епидемија на разводи во Скопје во 2024. Раст има низ цела држава, но фрапантна е состојбата во главниот град. До 2023 бројките беа константни, велат оттаму.
Според социолошките анализи, една од главните причини за зголемениот број разводи е избрзаното стапување во брак, без доволно запознавање меѓу партнерите. Недостатокот на комуникација, различните животни вредности, како и финансиските проблеми, исто така, играат значајна улога во распадот на брачните заедници. Дополнително, социолошките фактори, како што се мешањето на семејствата во брачниот живот или неможноста на младите парови да живеат самостојно, често предизвикуваат тензии што водат кон разделба.