Епидемија на морбили: 4 деца и еден возрасен во тешка состојба

На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 41 пациент заболен од мали сипаници, од кои едно дете со церебрална парализа е во потешка состојба и е на машина за дишење, а во потешка состојба се уште две деца и еден возрасен.

Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ вели дека согласно новите препораки се договориле од другите градови на Инфективна клиника да се префрлаат само потешките случаи, бидејќи се ограничени со капацитет.

„Во текот на вчерашниот ден направени се 13 прегледи, при што двајца пациенти се задржани во болница, а останатите се пуштени на домашно лекување“, вели за СДК.мк д-р Сања Маринковиќ од Клиниката за инфективни болести.

На Клиниката за детски болести едно дете е во потешка состојба и е на респиратор, а во моментов има 12 заболени од мали сипаници.

„Има постојано нови приеми, во текот на денот отпуштаме и примаме деца. Се трудиме колку што можеме да одржиме одвоеност на децата со мали сипаници од останатите, бидејќи ноќеска имало прием на деца температура, и едно од нив утрово се осипало. При тоа не може да знаеме однапред дали е со сипаници или некоја друга состојба. Здравствените работници што се најизложени на контакт со пациенти ќе примат и трета доза од вакцината“, вели за СДК.мк директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Катерина Ставриќ.