Емоционалната интелигенција не е секогаш пријатна за другите

Луѓето често ќе ве восхитуваат за вашата емоционална интелигенција, сè додека не дојде моментот да се соочат со неа.

Photo by Narlin U

Ќе ја ценат вашата емпатија, разбирање и способност за длабоки разговори, но само додека тоа не значи дека треба и тие самите да се отворат, да преземат одговорност или да почувствуваат нешто што толку долго го потиснувале. За некои луѓе, вашата способност да разбирате не е утеха, туку потсетник на сè што тие одбиваат да почувствуваат.

Емоционалната интелигенција не значи само да бидеш смирен и нежен. Таа значи и да знаеш кога да поставиш граница, кога да кажеш вистина што можеби ќе боли, кога да останеш со некого во тишина и да го прифатиш или одбиеш она што се случува. Луѓето сакаат да се чувствуваат видени, но не секогаш сакаат да бидат целосно разоткриени. А вистинската емоционална зрелост понекогаш токму тоа го прави, ве тера да погледнете во деловите од себе што најмногу ги криете.

Во моментот кога вашата емоционална зрелост ќе почне да го предизвикува избегнувањето, негирањето или себичноста на другиот, ќе наидете на отпор. Не затоа што правите нешто погрешно, туку затоа што некои луѓе не се подготвени за таа длабочина. Тие сакаат блискост, но не и транспарентност. Сакаат прифаќање, но не и одговорност. Сакаат разбирање, но не и промена.

Понекогаш ќе ве отфрлат или ќе ве обвинат дека сте „премногу“ — премногу чувствителни, премногу сложени, премногу искрени. Но вистината е дека не сте премногу. Само сте огледало што некои не се подготвени да го погледнат. Тоа може да биде болно, особено ако сте верувале дека таа поврзаност била доволно силна за да ги издржи тие вистини. Но токму тука лежи изборот. Ќе се повлечете ли за да не го нарушите нивниот мир, или ќе останете верни на себе? Емоционалната интелигенција не значи да ги избегнеме тешките моменти,туку да ги носиме со присуство, со грижа, но и со храброст. Да можеш да седиш покрај некој што страда и да не му го одземеш процесот. Да кажеш „ова не е во ред“ дури и кога тоа значи дека ќе ризикуваш оддалечување.

Не сите се подготвени за длабоки врски. Тоа не е ваша вина. Ваша е одговорноста да продолжите да се негувате себеси, да ги избирате врските што растат со вас, наместо оние што ве намалуваат. Емоционалната зрелост не е само вештина,тоа е вредност. И кога еднаш ќе ја развиете, ќе научите да не се извинувате за неа. Затоа што, вистинската поврзаност не се гради само со разбирање на другите, туку и со вистинско присуство пред себе.