Емил Јакимовски од ќелија давал инструкции за користење портал и ставање наслови на „Фејсбук“

Во ќелијата на притворениот заканувач Емил Јакимовски при претрес бил пронајден мобилен телефон со СИМ-картичка, констатираше судијката Џанера Бегтовиќ на првото судење. За ова била известена од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Вештак направил прихијатриско вештачење, а во заклучокот навел дека е способен да го следи судењето. Обвинителката Наташа Сарамандова побара вештакот да биде повикан на следното судење.

„Вештото лице во својот заклучок има констатирано дека обвинетиот Емил Јакимовски е способен да го следи текот на расправата. Неговата здравствена состојба се менува, затоа ќе се произнесе вешто лице за негобата моментална здравствена состојба, односно дали обвинетиот е способен да го следи текот на расправата”, констатираше судијката.

Затворот „Скопје“ известил дека во ќелијата каде што е сместен Јакимовски бил пронајден телефон.

„Примено е известување од КПУ затвор ‘Скопје’ со кое се известува судот дека при претрес на соба во која е сместено притвореното лице Јакимовски Емил е пронајден мобилен телефон марка ‘Хуавеи’ со избришан ИМЕИ”, констатираше судијката Џанета Бегтовиќ.

Судот добил известување и дека Јакимовски давал инструкции на неговото семејство како да се користи портал и иструкции за ставање наслови.

„Примено е и известување од КПУ затвор ‘Скопје’ со кое се известува судот дека за време на посетата на притвореното лице Емил Јакимовски со неговото семејство давал иструкции за користење  портал и ставање наслови на ‘Фејсбук’. Во прилог има и службена белешка потпишано од овластено службено лице, виш надзорник од затворот”, посочи судијката Бегтовиќ.

Јакимовски бараше од судот да овозможи да се брани од слобода, а судијката рече дека предлог ќе треба да поднесе преку адвокатот.

„Во оваа медиумска хајка против мене се издејствува мое бркање од работа од Централниот регистар, до утре морам да поведам до надлежен Основен суд работен спор, немам можност да поведам постапка бидејќи немам законски застапник. Бидејќи немам можност да се бранам, барам судот да овозможи да се бранам од слобода”, посочи Јакимовски пред судот.

Главната расправа е закажана за 13 февруари.

Емил Јакимовски се товари за вршење семејно насилство и загрозување на сигурноста со сериозна закана кон неговата поранешна сопруга, на која ѝ се заканувал дека ќе ја нападне неа, но и нејзиниот татко. Тој се товари и за закани упатени кон новинарката Мери Јордановска. Обвинителството соопшти дека Јакимовски преку мобилни апликации и пораки ѝ се заканувал на Јордановска дека ќе изврши кривично дело убиство.