Елиф Елмас има 27 години, но неговиот најголем фудбалски сон сè уште е ист – еден ден да заигра на Светско првенство со македонскиот дрес.

Македонскиот репрезентативец во интервју за „Flashscore“ зборуваше за кариерата, репрезентацијата и желбата која, како што вели, не планира да ја напушти. За него, настапот на Мундијал со Македонија е повеќе од фудбалска цел.
„Отсекогаш ми било сон да играм на Светско првенство со Македонија“, вели Елмас, потсетувајќи на досегашните големи репрезентативни моменти – Европското првенство за играчи до 21 година во 2017 година и сениорското Европско првенство во 2021 година.
По настапот на Европското, неговата следна голема желба е Мундијалот. Според него, Македонија прво треба да гледа кон Европското првенство во 2028 година, а потоа да продолжи кон најголемата цел.
„Не треба да мислиме само на Светското првенство. Прво треба да гледаме кон Европското првенство во 2028 година, а потоа ќе дојде и Светското“, вели тој.
Она што особено го издвојува неговиот однос кон репрезентацијата е решеноста да продолжи да игра сè додека може да помогне.
„Сè додека сум здрав и можам да играм, ќе давам максимум. Мојата цел секогаш ќе биде настап на Европско и Светско првенство“, порачува Елмас.
„Се надевам дека нема да ја завршам кариерата додека не се пласирам на Светско првенство, дури и ако тоа се случи по мојата 40-та година.“
За фудбалер кој веќе го носел македонскиот дрес на големи натпреварувања, следниот сон останува оној што досега не успеавме да го оствариме – Македонија на најголемата светска фудбалска сцена.