Електронски ќе се контролира квалитетот на исхраната во училиштата

Министерството за образованиe информира дека во рамките на проектот за подобрување на исхраната на децата во предучилишните установи и основните училишта, кој се реализира во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ, унапредена е содржината на правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта.

Изготвено е упатство за негова правилна примена, а дополнително е креирана и електронска алатка која овозможува проверка на квалитетот на оброците наменети за најмладите.

Наведените прописи и е-алатката се наменети за раководствата и одговорните лица во основните училишта во насока на соодветно планирање на исхраната која има особено големо значење за правилниот психофизички раст и развој на децата и тие се достапни на следниот линк – http://mon.gov.mk/index.php/2014-07-23-14-03-24/vesti-i-nastani/2386-sta....

„Апелираме да се почитуваат и правилно да се применуваат прописите што ги утврдуваат референтните вредности за енергетско и нутритивно внесување, даваат препораки за видовите намирници и јадења, за начините на подготовка, препораки за број и распоред на оброци и препораки за храна што треба да се избегнува или поретко да се јаде бидејќи тоа е единствениот начин да се превенира појавата на потхранетост, дефицит на микронутриенти, угоеност и други хронични заболувања поврзани со исхраната на децата.

Со оглед на фактот што континуирано и значително се подигнува општествената свест за важноста на правилната исхрана и јадењето здрава храна, веруваме дека органите за контрола на примената на правото во пракса, во рамките на редовните надзори и контроли, ќе имаат можност да изготвуваат исклучиво позитивни извештаи во кои ќе нема или, пак, констатираните предизвици ќе бидат минимални“, соопшти Министерство за образование и наука.