Експлозија на плинска боца повреди петмина српски туристи во Аспровалта, еден со тешки изгореници

Пет туристи од Србија се повредени денеска околу 15:00 часот во Аспровалта, регионот на Солун, по експлозија на плинска боца во изнајмена соба, објавуваат грчките медиуми „Катимерини“ и „Прототема“. Еден од повредените, 41-годишен маж, се здобил со тешки изгореници и е пренесен во болница во Солун, додека останатите лица се здобиле со полесни повреди од скршено стакло.

Според фејсбук-страницата на волонтерската спасувачка служба од Аспровалта, нивниот тим пристигнал на местото на несреќата за само три минути и веднаш им била укажана прва помош на повредените.

„Млад човек доби сериозни изгореници на повеќе делови од телото“, се вели во објавата. Набргу потоа пристигнала и екипа на брза помош (ЕКАБ), која го презела тешко повредениот и го пренела во болница.

Властите го уапсиле 86-годишниот сопственик на куќата, додека се спроведува истрага за утврдување на причините за експлозијата.

„Со сето срце им посакуваме брзо закрепнување на повредените и брзо враќање во секојдневниот живот“, напишаа од тимот на волонтерски спасувачи кои интервенирале на теренот: Христос Тијаликас, Стела Салепи, Николос Митакос и Христина Траику.