
Доцна синоќа во скопската населба Влае пукна една од главните водоводни цевки, поради што делови од градот останаа без вода, а повеќе куќи и дворови се поплавени. Дел од жителите сведочат дека се слушнала експлозија за време на хаваријата.
- Ненадејно, почувствувавме жесток потрес и земјата, заедно со домот, затреперија. Се слушна силна детонација. Помисливме дека е сеизмички потрес. Излегов надвор и тогаш го видов вистинскиот размер на настанот. Целиот тој дел од сообраќајницата беше разнесен, а парчиња од коловозот беа расфрлани насекаде. Потоа се отвори кратер. Дошло до оштетување на цевката под висок притисок, сведочи скопјанец.
“Овде, асфалтот на оваа улица е само неколку сантиметри, а огромни и тешки камиони поминуваат тука за изградба на згради.”
“Беше само прашање на време кога ова ќе се случи”, изјави жител на Влае, кој живее на стотина метри од местото каде што експлодирала Ф-600 цевката.“
Како последица на тоа, речиси половина Скопје, особено во Влае, Карпош, Тафталиџе, Козле, па се до Центар, почувствуваа намален притисок на вода, која течеше со значително послаб интензитет. Бевме на самото место на настанот.
Експлозијата се случи на самиот крај од улицата Франце Прешерн во Влае, во делот кој се протега покрај реката Вардар. Поради дефектот, по улицата течеше уште еден поток.
Екипи на Водовод пристигнаа на локацијата, но вечерта практично нема многу што да се направи.
Половина час размислуваа како да најдат ленти и евентуално ротирачки светла за да го обележат просторот (на крајот на едната страна ставија некакво буре кое го најдоа таму, а со кое беше покриена друга длабока шахта), со цел да се спречи некој со возило да се залета и да падне во отворот од околу еден метар, кој има површина од повеќе од десетина квадратни метри.
Испуканиот и уништен асфалт ја отсликуваат силината на детонацијата, и штом го видите тоа, станува јасно зошто земјата и куќите во околината се затресле, а луѓето мислеле дека се работи за земјотрес.
Водовод вечерва нема да презема интервенции на самото место, туку ископувањето за да се стигне до цевката ќе започне утре наутро.
Во меѓувреме, зголемен проток на вода ќе се обезбеди преку цевката од другата страна на Вардар.
Почетната грижа на екипите беше дали и таму е се во ред и дали ќе може преку таа линија да се обезбеди поголем проток на вода за градот, но тоа е постигнато, така што граѓаните ќе можат непречено да го надминат овој навистина сериозен дефект.