Ексклузивно интервју со првиот човек на Лимак Скопје хотелот: Ја сакам Македонија, луѓето се мирни, гостопримливи и пријателски расположени

Во април минатата година во центарот на главниот град под слоганот „Круната на Скопје“ почна со работа ексклузивниот хотел со пет ѕвездички Лимак Скопје Хотел. Хотелот е дел од големата мултифункционална градежна инвестиција на турската компанија Лимак Холдинг со вкупна вредност од 250 милиони евра. Лимак Скопје Хотел има капацитет од 285 легла во вкупно 142 соби, од кои 21 апартмани, вклучително и претседателски од 163 квадратни метри.

Присутен веќе две години во Македонија и повеќе од една година на менаџерската позиција во хотелот, (од самиот почеток  до денес) е Ѓокхан Рамазаноглу,  со кого во прво екслузивно интервју разговараме за работи поврзани со неговиот живот во Македонија.   

На почетокот на разговорот тој вели дека Македонија е убава земја и дека луѓето тука се многу пријателски расположени. Менаџерската позиција во странска земја, според него носи многу потешкотии, но и позитивни работи.

„Можеби на почетокот човек се чувствува целосно сам, но јас никогаш не го имав тоа чувство поради луѓето кои се околу мене. Тие ми помагаат никогаш да не се чувствувам сам. Напротив,  се чувствувам како да сум во мојата земја“, вели Рамазаноглу.

Додава дека луѓето со кои работи се прекрасни.

“Тие се дел од еден тим кој за мене значи многу. Секој од нив е посветен индивидуалец кој одлично функционира во тимот, а тимот го прави хотелот прекрасно место каде секој гостин се чувствува посебно“, објаснува Ѓокхан.

Ѓокхан е во Македонија веќе две години. За тоа време имал можност да запознае нови луѓе и да стекне добри пријателства.

„Македонската култура и културата на мојата земја се многу блиски една со друга. Искрено, ова беше голема предност за мојата адаптација во земјата“, вели тој и додава дека живее прилично мирен и спокоен живот, а Македонија е одлична земја за тоа.

„Би сакал да го поминувам времето со луѓе околу мене кои позитивно влијаат на мене и секогаш се трудам да ги оддалечам негативните луѓе од мојот живот“, ни открива Ѓокхан.  

Еден од интересите во неговиот живот е и патувањето, за кое вели дека покажува многу повеќе од читањето и токму на оваа тема ни кажа една позната турска изрека „Кој знае повеќе, патникот или читателот?“ Дефинитивно патникот,  со насмевка вели тој. Според неговото гледиште со патувањето лесно може да се види реалноста.

„За време на патувањето може да изгубите дел од своето време, но на крајот вие ќе бидете победникот затоа што точно ќе ги научите работите. А, во исто време ќе добиете големо задоволство“ е неговиот став.

Вели дека Македонија е земја чија вредност не е целосно разбрана. Каде и да ја свртите главата, гледате зелено. Верувам дека вистинската вредност на оваа држава ќе се разбере за многу кратко време и многу сум среќен што живеам во оваа земја, заклучува тој во нашиот разговор.