Економисти, правници, инженери, студенти... чекаат на ред за вработување во кафуле, сендвичарница, фотографска работилница, трафика. На пазарот на трудот има голема понуда на високообразовани кадри, а мала побарувачка од нив.

Во огласите за вработување, освен ако не се бараат специфични квалификации, веќе не се наведува потребното образование.

- Бараме неколку лица кои ќе работат на промоција. За огласот што го објавивме имавме голем број заинтересирани кандидати, претежно со високо образование и студенти, иако, рака на срце, за ангажманот што го бараме не е потребно повеќе од средно. Но, кога бираме, акцентот го ставаме на високообразованите, зашто се покажа дека тие полесно се снаоѓаат во работата, покомуникативни се и попродуктивни - вели еден огласувач.

Дека млади со диплома "се тепаат" за каква било работа потврдува и еден сопственик на сендвичарница во Скопје, кој во моментов бара работник. Младите дипломирани и невработени кадри, пак, велат дека не пребираат бидејќи сакаат да заработат, но веруваат дека еден ден ќе ја искористат дипломата. 

- Имам слободно време и веќе не сакам, а и не можам да бидам на товар на родителите. Секој ден ги следам огласите и не се двоумам, секаде праќам Си-Ви. Не ми е важна ниту платата, доволно е да ги покрива моите трошоци. Тоа само за почеток, а понатаму ќе видиме. Ама тешко се наоѓа, конкуренцијата од луѓе со факултетски дипломи е голема и тоа за секаква работа. Бев на интервју во едно фотографско студио, а по мене влезе електроинженер - вели една скопјанка која од дипломата на правен факултет ја дели еден испит.

Ако се прегледаат огласите во весниците и на специјализираните сајтови ќе се види дека од високообразованите најмногу се бараат доктори, фармацевти, информатичари, како и наставници за училишта. Има и понуда за по некој менаџер, но условите ограничуваат на кадри со добро искуство. Работно искуство, а и посебен сертификат се бара и за рецепционер во хотел, таму не пали дипломата. Работа за почетници, речиси и нема. Во поголемиот број огласи, без разлика дали се бара доктор, агент за недвижнини, правник за адвокатска канцеларија или келнер, потенцирано е дека кандидатот треба да ги има фамозните три до пет години искуство во струката. 
- Завршив бизнис менаџмент. Кога се запишав се сметаше дека струката има перспектива. Ама нас никој не не бара и ако има оглас, се бараат луѓе со дебело искуство. А како да го стекнеме? Веќе две години работам по кафулиња и ги следам огласите во надеж дека ќе најдам соодветна работа - вели една млада скопјанка,

Хиперпродукцијата на високообразовни кадри несоодветни на потребите на стопанството, посебно на правници и економисти и дипломци од општествените науки ја фрли во сенка важноста на универзитетската диплома. Најбарани на пазарот на трудот во моментов се квалификуваните работници и тоа не од сите струки. Предводат занимањата во градежништвото и тие се веќе препознаени, па за нив има обуки во Агенцијата за вработување.