Еколошкото мапирање на возилата „решение“ на загадувањето или „проблем“ за возачите

Емисијата на издувни гасови од возилата влијае врз квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје.

Како една од долгорочните мерки во борбата против аерозагадувањето Градот, заедно со МВР, најавија законски измени со кои при техничкиот преглед на возилата секое возило ќе може еколошки да се мапира и ќе добие налепница.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во ноември минатата година рече дека до крајот на 2018 година би можело во еколошка смисла да бидат мапирани сите возилата на територија на цела држава и така административно да се ограничи движењето на возилата – загадувачи.

Најавените законски измени предвидуваат мерење на издувните гасови при регистрација на возилата и нивна категоризација согласно количината издувни гасови. Така набрзо секое возило би требало да добие соодветна црвена, жолта или зелена налепница, во зависност како ќе бидат категоризирани.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи во 2016 година на територијата на Македонија регистрирани се 461.799 возила, од кои најмногу 221.281 како погонско гориво користеле бензин, додека дизел користеле 219.570 возила. На авто-гас регистрирани се 12.318 возила, додека на електрична енергија само 80 возила.

Најголем загадувач се старите дизел возила

Според професорот на Катедрата за мотори со внатрешно согорување на Машинскиот факултет во Скопје Даме Димитровски, кога зборуваме за загадување со цврсти честички Ото моторите или моторите кои согоруваат бензин се драстично помал загадувач од дизел моторите.

– Македонија има доста стар возен парк и се претпоставува дека просечната старост на возилата е поголема од 17 години. Стари се и товарните возила и автобусите и лесните патнички возила, изјави Димитровски.

Смета дека доколку на бензинските мотори ставиме гориво пропан-бутан или метан тоа ќе значи драстично подобрување на емисијата од моторот.

– Маркичката во суштина се уште не е дефинирана кај нас. Дали ќе значи само мерење на цврсти честички. Ако значи мерење на цврсти честички, тогаш овие возила кои се во главно бензинци сите ќе бидат со зелена маркичка. Тие што се на метан и пропан бутан ќе бидат драстично зелена маркичка, дизелите главно ќе бидат потешко за да добијат некаква зелена маркичка, евентуално тие Еуро 5 или 6 ќе добиваат некаква зелена маркичка. Кога ќе ја издефинира градот убаво мерката ние ќе можеме да кажеме што да подобриме, изјави Димитровски.

Според него, вградувањето на плински уреди, популарно наречени или уреди за авто гас и уреди за метан, секако ќе ја подобри емисијата на било кое возило бидејќи согорувањето на гасни горива дава емисија на цврсти честички нула. Така во делот на цврсти честички бензинските мотори кои и така емитуваат малку, со вградуавњето на уред на гас, тоа ќе биде скоро нула.