Еколошките налепници на возилата ќе го чекаат референдумот

Еколошките налепници кои ќе покажуваат колку секое возило во Скопје загадува, предвидени со измените на Законот за возила пред пратениците во Собрание се очекува да се најдат по референдумот за името на државата.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вели дека кога ќе се донесат измените тогаш Градот ќе има можност да учествува во креирањето на политиката за сообраќајот.

– Координативното тело кое го раководевме ние како Град Скопје заедно со Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија и Министерството за животна средина ги изготвивме потребните законски решенија коишто треба да се носат преку државните органи и тие текстови на законските измени се доставени до надлежните министерства. Постапките, колку што јас знам, се веќе некаде во владина постапка и очекуваме дека е можно веќе оваа есен кога ке се врати Собранието од одмор и по успешно спроведениот реферндум да може Собранието да ги донесе тие законски измени со цел Градот да има можност да учествува и партиципира во креирањето на политиката на сообраќајот и мапирањето на возилата, вели Шилегов.

Со измените на Закон за возила во иднина сите автомобили ќе имаат еколошки налепници што ќе бидат во различна боја и ќе покажуваат кој автомобил колку загадува. На тој начин ќе може да се направи селекција, па така старите автомобили кои се поголеми загадувачи при алармантни состојби на загадување ќе треба да бидат исклучени од сообраќај.

Што се однесува до цената на чинење, начинот и постапката на издавање на еколошките лепенки, тоа ќе биде во надлежност на МВР.
Со законот е уредено и тоа како се категоризираат возилата, односно возилото во станиците за технички преглед зависно од тоа кој ЕУРО-стандард го исполнува ќе добие еколошка налепница со црвена, портокалова или зелена боја.

Општините во кои има загадување на воздухот од возилата ќе треба да изработат и донесат пропис согласно Законот за локалната самоуправа со кој ќе се воведе режим на сообраќај – зонирање, како и поставување сообраќајни знаци за ограничување на заштитената еколошка зона во општините, односно да воведат забрана на движење на возилата со црвена еколошка налепница.

Со воведување на еколошката налепница Град Скопје очекува да се намали загадувањето на воздухот во главниот град особено кога е најкритично во зимскиот период.