Еколошка катастрофа во Горно Лисиче - огромни депонии покрај Маркова Река

По течението на Маркова Река низ општина Аеродром забележани се неколку депонии на нејзиниот брег, а граѓаните се загрижени дека на реката ѝ претстои еколошка катастрофа доколку навреме не реагираат надлежните..

„За жал, коритото на Маркова Река во  делот на Општина Аеродром е претворено во мега депонија, а водата е загадена, најверојатно од перење на песок и други минерални суровини, од сопствениците на сепарации долж течението на Маркова Река. Еколошка катастрофа најблаго речено е тоа што изминативе неколку години се случува со Маркова Река.
По нејзиното течение се формирани огромен број на депонии, а и самото корито е преполно со отпад.
Надлежните институтии молчат, не го гледаат очигледното, заслепени поради профитот кој го остваруваат поединци“, реагираат загрижените граѓани. 

Во долината на Маркова Река се вливаат нејзините три помали десни притоки Умовска, Цветовска Река и Батинчица. Протекувајќи крај селата Варвара и Батинци, непосредно кај Драчево, Маркова Река навлегува во Скопската Котлина и течејќи низ својата алувијална раминина во Скопското Поле, близу населбата Горно Лисиче се влева во реката Вардар.

За жал, ситуацијата воопшто не е подобра ни со другите речни корита низ градот, но и воопшто низ Македонија.