Екоакција: Во Бутел исчистени пет депонии

Општината Бутел реализира екоакција со која беа исчистени повеќе локации на целата нејзина територија. Акцијата се реализира во координација на комуналното одделение на општината Бутел и секторот за комунални работи на градот Скопје.

– Досега се исчистени пет локации на кои имаше мини-депонии. Најпрвин беше исчистена онаа во селото Радишани, на улица 8, на спојот со патот на селото Љуботен, а потоа и онаа на улицата Бутелска, кај Расадник. Исчистен е и делот од улицата Бетовенова, на спојот со Александар Бујнов, како и парк-површината од улицата Груица Војвода, зад киното во Бутел. Во населбата Скопје – Север се исчистени и мали депонии на улиците Гоце Стојчевски и Боро Менков. Во правата фаза од акцијата се исфрли 10 камиони (20 тонски) шут во депонијата „Дрисла“ – информираат од општината Бутел.

Според надлежните, во втората фаза се предвидени уште три локации за чистење – патот од гробишта Бутел кон патот што води до Кучевишка Бара, локацијата на последната постојка на автобуската линија со бројот „8“ во населеното место Љуботенски Пат. Во оваа фаза исто така е предвидено и чистење на најголемата депонија од улицата Александар Урдаревски на патот кон гробишта Бутел, односно од левата страната по мостот на реката Серава.
Од општината Бутел најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со акциите за чистење на сите депонии што се на нивна територија. Наедно, апелираат до граѓаните да не одложуваат отпад на јавни површини и да го почитуваат Законот за јавна чистота.