Еко-акција во Општина Гази Баба за Денот на пролетта

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, по повод доаѓањето на пролетта заедно со учениците од ОУ „Стив Наумов“ во Автокоманда засади нови дрвца во училишниот двор.

Тој на децата им посочи дека е од големо значење раззеленувањето на природата, но уште поважно е нејзиното одржување и додаде оти од нас самите зависи дали ќе имаме чисти и зелени места и паркови за шетање и рекреација или тие места ќе ги претвораме во депонии.

И останатите 10 основни училишта на територија на Општина Гази Баба се приклучија кон екоакцијата согласно програма за работа. Заеднички ги чистеа дворовите и засадуваа дрвца, ги разубавуваа училниците, местата каде што престојуваат. Своја поддршка дадоа и најмладите од детските градинки.

Георгиевски најави уште неколку екоакции за наредниот период. Една од поголемите настани е чистење на парк-шумата Гази Баба во Железара.

– Парк-шумата Гази Баба во Железара претставува бели дробови во овој регион и е едно од најчесто посетуваните места во околината. Но, често пати посетителите, по нивната рекреација, забораваат дека ѓубрето зад нив треба сами да го соберат, а не да се таложи и трупа во најзелениот дел на оваа населба. Затоа ги повикувам граѓаните, кои сакаат да придонесат за чиста и здрава околина, да дојдат утре, 23 март, заеднички да ја изведеме екоакцијата за чистење на парк-шумата Гази Баба, со почеток од 10 часот кај Факултетот за ветеринарна медицина, истакна градоначалникот Георгиевски.

Општина Гази Баба и идниот викенд ќе спроведе екоакција на друга локација.