Екипи на Водовод на терен: Семејството на загинатиот Мартин ќе добие бесплатна вода

Екипа на ЈП Водовод и канализација – Скопје во моментов  работи на промената на цевката во Гази Баба. Екипите работат со полна пареа за семејството Сиљанови во најскоро време да добијат редовно водоснабдување.

Тие градат нова водоводна линија од 50 метри на сопствен трошок за да обезбеди вода за семејството на 25-годишниот Мартин Сиљанов кој неодамна загина во пожарот што избувна во сервисот за мопеди во Скопје, на улицата Јордан Мијалков.

– За да обезбеди редовно водоснабдување ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе изгради нова водоводна линија од 50 метри на сопствен трошок, со што ќе се овозможи преврзување на приклучокот за вода од старата на новата мрежа, односно ќе се изврши поврзување на објектот на странката на новата мрежа со која ќе добие редовно водоснабдување – соопштија од Водовод.

Претпријатието ќе поднесе иницијатива до Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација Скопје ова семејство да биде сместено во категоријата која ги опфаќа лицата кои се приматели на постојана парична помош кои пак се ослободени од 10 м3 во текот на месецот.

И Општина Гази Баба ќе се вклучи со еднократна парична помош за семејството, како и Министерството за труд и социјална политика.