ЕК: Судството, корупцијата и медиумите остануваат најголемите предизвици

Во најновиот Извештај за владеењето на правото, Европската комисија оценува дека Македонија мора да ги забрза реформите во правосудството, борбата против корупцијата и заштитата на медиумските слободи.

Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Нотиран е напредок, но од  Брисел се предупредува дека остануваат сериозни слабости кои го поткопуваат владеењето на правото. Во извештајот се наведува дека независноста на судството и автономијата на Јавното обвинителство остануваат под притисок. Европската комисија изразува сериозна загриженост поради мешањето и јавните притисоци од претставници на власта врз судиите и обвинителите, оценувајќи дека таквите изјави можат да ја нарушат поделбата на власта и довербата во институциите. Дополнително, постапката за разрешување на поранешниот јавен обвинител, според Комисијата, покажала ризик од политизација.

Во делот за корупцијата, извештајот посочува дека измените на Кривичниот законик, долгите судски постапки, недостигот од кадар и ограничените финансиски ресурси и понатаму ја попречуваат ефикасната борба против високата корупција. Брисел оценува дека предметите против високи функционери ретко завршуваат со правосилни пресуди, што создава чувство на неказнивост.

Посебна загриженост предизвикуваат и јавните набавки и здравствениот сектор, кои, според Европската комисија, остануваат особено ранливи на корупција. Во извештајот се наведува дека конкуренцијата во јавните набавки е ограничена, а антикорупциските механизми се недоволно развиени.

Во делот за медиумите се оценува дека има одреден напредок во управувањето со јавните медиуми и регулаторните тела, но остануваат проблемите со концентрацијата на медиумската сопственост и уредувачката независност. Комисијата нагласува дека ќе продолжи да поддржува мерки за поголема безбедност на новинарите, транспарентност и заштита од таканаречените SLAPP тужби.

Извештајот се осврнува и на работата на Собранието, каде што е забележано подобрување на ефикасноста, но се укажува на тоа дека голем број закони и натаму се носат по скратена постапка.

Европската комисија потсетува дека независното судство, ефикасната борба против корупцијата и слободните медиуми се темел на владеењето на правото, довербата во институциите и економскиот развој. Затоа, Македонија останува повикана да ги спроведе препораките и да ги забрза реформите во овие клучни области.