„Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ во Музеј на Современа уметност

На 31 мај и 1 јуни во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се одржи Меѓународен симпозиум и изложба во органиација на Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“.

Наслов на симпозиумот е „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“. Покрај симпозиумот ќе биде отворена и изложба, која ќе биде достапна за јавноста од 31 мај до 7 јуни 2019 во МСУ.

Потребата да се реализира еден ваков симпозиум во Скопје, меѓународно реномираните уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска од Прес ту егзит причините ги бараат во инцидентот од 21 април 2017 година, кога пожар го уништи Завод за урбанизам и архитектура во Скопје. Лоциран во неколку бараки од 60-тите години, во заводот беше сместена архивата за реконструкцијата на пост-земјотресно Скопје (1963). Архивата на заводот, која содржеше планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети значајни за македонскиот идентитет, веќе лошо оштетена од пламен, чад и вода, беше оставена во руините на заводот и изложена на случајните минувачи.

Во отсуство на граѓанска должност за организирање и расчистување, штетата беше комплетна. Неколку недели по пожарот, за време на одржување на 6. Меѓународен симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции фикции и други заеднички именители“, тимот на Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, а со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организираа акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите од понатамошо оштетување. Овој гест и собраните документи ќе бидат појдовна точка за македонската програма во рамки на симпозиумот.

Повеќе детали за овој настан и програмата може да прочитате на следниов линк.